“Електрични оргазам” на Битола отворен град

0
1011

Познатиот белградски рок бенд “Електрични оргазам“, како и хероите на македонската независна музичка сцена “Бернајс Пропаганда” се главни звезди на фестивалот “Битола Отворен град 2016″ во организација на Младински културен центар Битола.

Двата рок бенда утревечер  ќа настапат на големата сцена под отворено небо на Широк Сокак, при што големиот музички хепенинг е отворен и бесплатен за сите посетители.

Легендарната рок атракција”Електрични оргазам” премиерно настапува во Битола. Приказната за „Електрични оргазам” е една од највозбудливите во историјата на рокенролот на Балканот. Легендата за „Електрични оргазам”, кои имаат 36 години долга дискографија, е приказна за заминување и враќање, одење „до коска” во посветеноста на рокенролот. Тоа најдобро го знае Срѓан Гојковиќ – Гиле, лидерот, пејачот, гитаристот и главен автор во бендот. Пред публиката во Битола ќе се претстават со колекција на најголемите хитови меѓу кои и добро познатите „Златни папагај”, „Како бубањ каже”, „Дебела девојка”, „Бејбе ти ниси ту”…, односно песни кои одамна важат за есенција на регионалната музичка сцена.

Секогаш револуционерни во својот музички израз, “Бернајс Пропаганда” со четири студиски изданија и повеќе стотици концерти, важат за еден од водечките алтернативни бендови од регионот. Групата веќе ги испиша некои од најинтересните страници во современата историја на музичката сцена на Балканот и освои огромен број следбеници во регионот и странство.

Во Битола ќе биде претставен нивниот нов албум „Политика” објавен во соработка со независната словенечка етикета „Мунли рекордс”. Импозантни се впечатоците и од нивната последна европска турнеја во чии рамки за 30 дена “Бернајс Пропаганда” одржа 27 концерти во Србија, Словенија, Италија, Швајцарија, Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Чешка, Словачка и Австрија.

Заради атрактивноста на главните звезди, како и заради традицијата, главниот музички хепенинг на фестивалот “Битола отворен град”да го посетува над 4.000-на публика од земјата и странство, годинава се очекува уште поголем број фанови што уште еднаш ќе го потврди статусот на главниот настан како најмасовен музички настан во Битола секое лето, рекоа организаторите.

 

Без коментари

LEAVE A REPLY