ЕЛЕМ: Тендери за два капитални проекти во Пелагонија

0
629

ЕЛЕМ објавува два тендера. Едниот за набавка на механизација за РЕК Битола и вториот за изградба на топлификациски систем од РЕК до градот Битола. Вредноста на проектите е околу 80 милиони евра.

Овие два проекта ќе значат голема инвестиција за Пелагонискиот регион и голема додадена вредност за АД ЕЛЕМ. Со набавката на рударска опрема драматично ќе ги намалиме трошоците на работење на компанијата и ќе креираме поголема додадена вредност на нашиот завршен производ. Со изградбата, пак, на топлификација за Битола со можност за приклучување на соседните општини Новаци и Могила ќе се искористи отпадната топла вода во процесот на производство на електрична енергија во РЕК Битола за загревање на домовите на граѓаните, но и за загревање на земјоделските пластеници. Овој проект не само што поволно ќе влијае на приходната состојба на компанијата, туку ќе придонесе за намалување на загадувањето во Битолско, изјави генералниот директор на компанијата, Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека со набавката на рударска опрема ќе нема потреба од ангажирање на надворешни кооперанти за ископ на руда, што, како што рече, значеше поголеми трошоци.

Очекувам сега трошоците драстично да се намалат, а со тоа вредноста на нашиот производ да биде поголема, потенцира Мицкоски. Додаде дека се очекува целата постапка за набавка на опрема да биде реализирана за шест до девет месеци и веќе од следната година да може да се користи.

http://www.mrt.com.mk