Ердоган го одби безвизниот режим на ЕУ

0
634

Претседателот на Турција Реџеп Ердоган ѝ порача на Европската Унија дека Турција нема да ги менува своите антитерористички закони поради безвизниот режим кој го нуди Брисел, јавува Би-би-си.

„Вие одете по својот пат, а ние ќе продолжиме по нашиот“, кажа Ердоган.

Пораката на турскиот претседател до ЕУ пристигнува само еден ден откако турскиот премиер Ахмет Давутоглу поднесе оставка, а кој преговараше со Европската Унија, токму во моментите кога се зборува дека безвизниот режим е контрауслуга на Европа кон Турција, која беше спремна да го сопре емигрантскиот бран.

Брисел побара од Анкара да исполни пет критериуми, за Турците да можат без визи да патуваат низ шенгенскиот простор, а меѓу нив се клучни измени на закоот и стеснување на законската дефиниција на тероризмот, во согласност со прописите на Европа.

Ердоган не сака да се согласи на тоа бидејќи, според него, Турција е под голема терористичка закана.

Турскиот претседател изјави и дека најбрзо што може треба да се организира референдум за уставните реформи кои ќе му дадат пошироки овластувања на шефот на државата, односно за него.

„Неопходно е итно да решиме за новиот устав со претседателски овластувања. Во најкраток тој треба да се организира гласање за тоа прашање“, кажа Ердоган.