Ердоган ја прифати оставката на Давутоглу, ќе го наследи Јилдирим

0
380

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во неделата и официјално ја прифати оставката на досегашниот премиер Ахмет Давутоглу, неколку часа откако нивната владејачка Партија на правото и развојот (АКР) избра нов челник, долгогодишниот близок соработник на Ердоган, досегашниот министер за сообраќај Бинали Јилдирим, кој со тоа ќе стане и премиер.
Претседателот Ердоган му се заблагодари на Давутоглу на досегашната работа, се наведува во соопштението.

Меѓу Давутоглу и Ердоган се јавија несогласувања, според претпоставките во медиумите, поради прашањето на уставните промени имајќи предвид дека турскиот претседател се заложи за поголеми уставни претседателски овластувања.

Претходно во неделата досегашниот министер за сообраќај, 60-годишниот Бинали Јилдирим едногласно беше избран за претседател на владејачката АКР, со што автоматски стана премиер и се претпоставува дека задача ќе му биде на претседателот Реџеп Тајип Ердоган да му овозможи низ уставните промени да воспостави претседателски систем. Се очекува подоцна во текот на денот Јулдирим да го добие мандатот за состав на новата турска влада.

Еден од сооснавачите на АКР, Јилдирим ги освои гласовите на сите 1.405 делегати на вонредниот партиски конгрес. Долгогодишниот пријател на Ердоган, и еден од неговите најверни соработници, беше единствениот кандидат за оваа должност.

Неговиот избор, се очекува, ќе ја зајакне позицијата на Ердоган и ќе ја забрза промената на уставот, што на Ердгоан ќе му гарантира поголеми уставни овластувања и трансформација на Турција од парламентарен во претседателски систем.

Јилдирим потекнува од скромно семејство во источниот град Ерзинкан, а со Ердоган тесно соработува од 1994 година кога актуелниот претседател ја извршуваше должноста градоначалник на Истанбул. Од 2002 година непрекинато е на функцијата министер за сообраќај.

Досега управуваше со грандиозни инфраструктурни проекти кои беа жестоко критикувани и од опозицијата и од екологистите. Станува збор за изградбата на третиот меѓународен аеродром во Истанбул поради кој се уништени големи шумски површини и покрај масовните протести, а полемика избувна и поради градењето на третиот мост преку Босфор наречен по султанот Селим Први кој XVI век масакрирал 40.000 алевите (шиити), припадници на либерално муслиманско конфесионално малцинство.

Новиот проект кој допрва треба да се изведе е каналот меѓу Црното и Мраморното Море, кој треба да го растовари густиот поморски сообраќај преку Босфор.