Ердоган отпушти над 15.000 професори, декани…

0
666

Повеќе од 15.000 образовни кадри во Турција се суспендирани по минатонеделниот неуспешен државен удар, со што чистката на државните службеници уште повеќе се шири.

Министерството за образование ги обвини професорите за поврзаност со Фетулах Ѓулен, свештеник што живее во САД, за кој турската влада вели дека стои зад бунтот во петокот.

Ѓулен негира каква било инволвираност.

На повеќе од 1.500 универзитетски декани, исто така, им било наредено да поднесат оставка, а одземени им се лиценците на 21.000 наставници што работат во приватните институции, јави Би-би-си.

Премиерот, Бинали Јилдирим, вети дека ќе преземе акција против приврзаниците на Ѓулен.

„Извинете, но оваа паралелна терористичка организација веќе нема да биде ефикасен пион на ниедна земја“, изјави Јилдирим, според новинската агенција Ројтерс.

„Ќе ги откопаме сосе корен така што ниедна тајна терористичка организација нема веќе да има храброст да го предаде нашиот благословен народ.“

Армијата, судството, безбедносните и државните служби – сите се на нишан по обидот за државен удар: 6.000 воени лица се уапсени, повеќе од дваесетина генерали чекаат судење, 9.000 полицајци се отпуштени, речиси 3.000 судии се суспендирани, а повеќе од 250 вработени во канцеларијата на Јилдирим се отпуштени.

Турскиот орган за регулација на медиумите денеска им ја одзеде лиценцата на 24 радио и телевизиски канали обвинети за врски на Ѓулен.

Дирекцијата за религиозни прашања забрани верски погреби за поддржувачите на обидот за државен удар, објави новинската агенција Анадолу.

www.mkd.mk