Ердоган се обрати од Истанбул

0
1084

Обраќајќи ѝ се на нацијата од Истанбул, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кажа дека организаторите на обидот за државен удар ќе се соочат со остри последици.

Ердоган истакна дека обидот за државен удар бил спроведен од мал број луѓе во војската кои се обидуваат да ја поделат земјата. Тој пучот го нарече „благослов од Алах, затоа што ќе помогне да се прочисти војската“ од бунтовници.

Тој кажа дека сите одговорни ќе ја платат најстрогата казна и ќе одговараат за предавството.

Турскиот претседател вети дека ќе остане „со својот народ“ и дека бунтот ќе биде целосно потиснат. Тој истакна и дека премиерот дал наредба да се „збришат“ пукањата од воздух.

„Јас бев во Мармарис пред да дојдам тука. Го бомбардираа местото каде што престојував веднаш откако заминав“, кажа Ердоган.

Тој кажа дека милиони луѓе на улиците протестирале против обидот за државен удар.

„Никогаш не сум верувал дека има поголема моќ од моќта на луѓето“, кажа Ердоган.

Тој ги повтори своите обвинувања дека сето ова е дело на муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен кој живее во САД.

Во меѓувреме престолнината Анкара сѐ уште ја прелетуваат воени авиони во низок лет и се слушаат експлозии. Парламентот е под опсада на тенкови, и не се знае кој ја има контролата врз ситуацијата.