Ереван и Баку согласни за целосно примирје во Нагорно-Карабах

0
333

Договор за зацврстување на режимот на прекин на огнот во зоната на карабашкиот конфликт е постигнат на средбата од состанокот на претседателите на Ерменија и Азербејџан во австриската престолнина Виена со учество на шефовите на дипломатиите на Минската група на ОБСЕ, САД, Русија и Франција, објави ноќта кон вторникот кабинетот на ерменскиот претседател.

Дека претседателите на Ерменија, Серж Саргсјан, и на Азербејџан, Илхам Алиев, на виенскиот самит кој започна доцна вечерта во понеделникот се согласиле за неопходноста од целосен прекин на непријателствата во Наргорно-Карабах, чие ерменско мнозинство се бори за отцепување од азербејџанската територија, потврдил за агенцијата РИА и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој присуствуваше на средбата, заедно со американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на француската дипломатија Жан-Марк Ејро.

Саргсјан и Алиев, исто така, се согласиле дека ќе го договорат терминот и местото на следниот нивен состанок во јуни и ќе ѝ овозможат на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да состави план за примирјето и набљудувачка мисија во Нагорно-Карабах, додал Лавров.

Според него, „се чувствува желбата од двете страни да биде постигнат договор“, а Русија е подготвена да стори сé што е во нејзина моќ за да биде постигнат задоволувачки договор.

На средбата се разговарало за начините на излез од напнатата ситуација во зоната на карабашкиот конфликт. „Претставниците на земјите копретедатели на Минската група на ОБСЕ ја потврдија неопходноста од зајакнување на примирјето од 1994 и 1995 година“, соопшти кабинетот на Саргсјан.