ЕУ и Западниот Балкан се едно семејство

0
96

Шефицата на ЕУ дипломатијата, Могерини вели дека ЕУ има најголемо влијание на Западниот Балкан и дека не се грижи поради присуството на други играчи во регионот.

По повеќе интервенции, како од земјите-членки, така и од експертите за безбедност, министрите за надворешни работи на ЕУ разговараа во Брисел за ефикасноста и капацитетот на единицата која се занимава со Европските стратешки комуникации. Оваа работна група беше основана пред две години по налог на Европскиот совет, а со цел препознавање, анализа и одговор на проруската пропаганда во Европа.СтратКом денес брои вкупно 20 луѓе распоредени во три тима Север, Југ и Западен Балкан кои работат во рамките на Европската служба за надворешни работи. Сепак, за многумина во ЕУ тоа не е доволно. Неколку министри на ЕУ-членки и експерти ја обвинуваат високата претставничка за надворешна политика на Унијата, Федерика Могерини дека го игнорира проблемот со „дезинформации и пропаганда“.
„Не сум загрижена поради влијанието или присуството на било кој од партнерите кои ги имаат земјите од регионот затоа што се уверив, и тоа повеќе пати, меѓудругото и минатата година кога тие земји беа соочени со, така да речам, компликувани политички и изборни состојби, дека кога ЕУ е присутна со сета своја сила и единство, тогаш нема друг партнер кој има посилно влијание од ЕУ во регионот. Регионот е Европа““, рече Могерини на прашањето на ДВ околу руската пропаганда во Западниот Балкан.
Таа ја искористи можноста да испрати уште една порака кон регионот, овојпат во рамките на „позитивната комуникација“.
„Ние сме едно. Ние сме семејство. Ние сме историски и географски поврзани. Кога е ЕУ стабилна и единствена на Западниот Балкан, и кога и нашите партнери се стабилни и единствени, тогаш ни едно друго влијание не може да биде посилно од тоа“, вели Могерини.

http://www.dw.com/mk