ЕУ ја затвора балканската рута

0
598

На самитот на ЕУ во понеделник како најголем приоритет на Унијата треба да биде прогласена одлуката за затворање на нелегалниот тек на бегалците по балканската рута кон Германија. Ова се дознава од документ во кој имал увид виенскиот весник Стандард.

Како што објавува весникот во своето интернет издание, Атина би морала веднаш да обезбеди 50.000 места за потенцијални азиланти, а за возврат Грција ќе ја добие „сета потребна помош“ од ЕУ. Исто така, емигрантите кои немаат никакви шанси да добијат азил, ќе бидат веднаш депортирани во Турција.

Според весникот, самитот на Европската Унија во понеделник со турскиот премиер Ахмет Давутоглу, а потоа и состанокот на шефовите на владите и дрѓавите на 28-те членки без турскиот премиер, би можеле да донесат драматичен пресврт во досегашната политика на постапување на ЕУ во бегалската криза.

Ова, според Стандард, произлегува од засега сѐ уште таен нацрт документ, во кој весникот имал увид, а кој сѐ уште е предмет на усогласување на владите на членките на ЕУ.

Австрискиот весник тврди дека во документот „буквално пишува“: „Нерегуларниот тек на емигрантите вдолж балканската рута завршува. Таа рута од сега е затворена“.

Дипломатски извори за весникот потврдиле дека, освен усогласување на деталите, суштината на документот нема да биде менувана.

Едно од клучните нешта во документот е дека Турција во иднина конструктивно ќе соработува во контролата на надворешните граници на ЕУ, и дека ќе прифати во неа да бидат вратени емигрантите кои немаат право на азил.

Планиран е и посебен договор за репатријација со Турција, кој би требало да стапи на сила од 1 јуни. За возврат, ќе биде забрзан и акциониот план на Турција со ЕУ, а Унијата ќе се обврзе и да почне со директна релокација на сириските бегалци од Турција во земјите членки.

Што се однесува до мерките на територијата на самата ЕУ, и решавањето на прашањето со колоните бегалци кои ќе бидат блокирани со затворањето на балканската рута, Унијата се обврзува да ѝ ја пружи на Грција сета можна помош, вклучувајќи и значотелна финансиска, како и дека ќе испрати службеници на заедничната гранична агенција на ЕУ, Фронтекс, на границите на Грција со Македонија и Албанија.

Предвидена е и поактивна улога на европската полициска организација Европол во борбата против шверцерите на луѓе, пишува Стандард.

 Лидерите на ЕУ се надеваат дека наскоро ќе профукнционира и програмата за релокација на бегалците во земјите членки, а во документот се наведува и можноста земјите доброволно да прифатат и повеќе бегалци отколку што им се доделени со планот за релокација, главно за да се намали товарот на Грција.
www.mkd.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY