ЕУ ќе ѝ ги прошири санкциите на Русија до крајот на годинава

0
135

Лидерите на Европската Унија на состанокот во Брисел овој месец ќе ги прошират санкциите кон Русија до крајот на годинава, поради „вмешаност во борбите во Украина“, објави Франс прес повикувајќи се на дипломатски извори.

Лидерите на 28-те земји-членки на ЕУ во март веќе начелно се согласија од јули 2015 година да ги продолжат санкциите за уште една година, но треба да се донесе формална одлука кога ќе се состанат на 25 и 26 јуни, вели француската агенција.

„Тие треба да бидат продолжени за уште шест месеци“, изјавил европскиот извор за Франс прес, додавајќи дека овие санкции се „во согласност со календарот за спроведување на договорот од Минск“.

„Веќе постои политички договор да се прошират овие санкции, така што ова е тоа што го очекуваме“, рекол друг дипломат барајќи да остане анонимен.

„Навистина не очекуваме да има какви било проблеми на самитот“, додал тој.

Франс прес потсетува дека Киев и западните земји ја обвинуваат Москва за поддршка на проруските бунтовници со оружје, пари и војска, што Кремљ го демантира.