ЕУ ќе го загуби идентитетот ако ги прими сите бегалци

0
278

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервјуто за саботното издание на германскиот дневен весник Bild предупреди дека доколку не сопре сегашниот прилив бегалци христијаните во Европа ќе станат малцинство, а Европската унија ќе го загуби својот идентитет, а како план за решавање на кризата предложи план според кој 3 милијарди евра би им биле донирани на земјите коишто граничат со Сирија каде што се згрижени милиони сириски бегалци.
„Европските политичари во моментов живеат во свет од сништата. Тие не ја сфаќаат опасноста, каква што за нас ја претставуваат дојденците. Тие не ги сфаќаат димензиите на проблемот, станува збор за десетици милиони луѓе. Потокот (бегалци) е бескраен, од Пакистан, Бангладеш, Мали, Етиопија, Нигерија… Доколку сите ги пуштиме, Европа ќе исчезне“, предупредува унгарскиот премиер.

„Како резултат на миграцијата муслиманите во блиска иднина ќе станат мнозинство во Европа. Доколку Европа го толерира ривалството на двете култури, тогаш христијаните ќе загубат“, смета Орбан.

Според него, за да се зачува културниот идентитет на Стариот свет неопходно е „да се престане да се им дозволува на муслиманите доселување во Европа“. „Сепак, за тоа европските политичари за тоа неволно зборуваат“, вели Орбан за Bild.

Тој, меѓу другото, ја критикува германската канцеларка Ангела Меркел за нејзината изјава дека прописите на ЕУ не функционираат и го дозволи влезот на сите бегалци од територијата на Унгарија во Германија. Според европските прописи, сите мигранти и бегалци треба да бидат регистрирани во земјата во којашто прва ќе влезат на територијата на ЕУ, а тие тоа го одбиваат во Унгарија и не сакаат да одат во прифатните центри. „Тоа предизвика хаос кај нас. Тоа се случува кога ќе се прекршат правилата“, вели Орбан и додава дека мигрантите и бегалците почнале да се конфронтираат со полицијата одбивајќи да бидат регистрирани и идентификувани, и нивната цел е што поскоро да заминат за Германија.

Во продолжение од интервјуто за германскиот весник, унгарскиот премиер Виктор Орбан вели дека за решение за бегалската криза го предлага планот за помош од три милијарди евра за земјите коишто граничат со Сирија, којашто во моментов е најголемиот извор на мигранти.