ЕУ сака да ја прогласи Балканската рута за затворена

0
439

Шефовите на држави или влади на ЕУ, како што произлегува од предлог документот подготвен за денешниот самит во Брисел, имаат намера да ја прогласат Балканската рута за затворена, јавува Дојче веле.

Брановите бегалци кои се движат по Балканската рута би требало да запрат. „Оваа рута е затворена“, се вели во предлог документот од денешниот самит на шефовите на држави или влади на ЕУ во Брисел, пренесува германската агенција ДПА.

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц вчеравечер за германската телевизија АРД уште еднаш повтори дека држави како Автсрија, Германија или Шведска не можат да ги примат сите луѓе кои сакаат да дојдат во Европа. Што се однесува до состојбата на македонско-грчката граница Курц нагласи дека бегалците може да побараат заштита и во ЕУ-држава како што е Грција. Грција има по глава на жител многу помалку бегалци отколку Австрија, а освен тоа набргу може да смета и со голема поддршка од ЕУ, рече Курц.

Германскиот министер за правда Хајко Маас е на мислење дека одделни држави со затворање на границите нема да го решат светскиот проблем со миграцијата и дека тоа само води до „домино ефекти“. Бегалците мора да бидат распределени во Европа, а освен тоа неопходна е и борба против причините за бегство, оцени Маас. Оттука, многу е важен прекин на огнот во Сирија.

Шефовите на ЕУ денеска со Анкара ќе се договараат за враќање на бегалците без право на азил од Европа во Турција. Германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот премиер Ахмет Давутоглу вчеравечер во Брисел разговараа неколку часа за последиците од бегалската криза, потврдија рано изутринава извори од германската влада. Детали до разговорите не се соопштени. На разговорите кои се водеа во турската амбасада присуствувал и холандскиот премиер Марк Руте.