Еве го терористот што на 7 октомври влегол од Македонија во Србија, па заминал во Париз

0
518

Еден од терористите што ги извршија синоќешните напади во Париз ја поминал целата балканска маршрута со сириски пасош на име Ахмед Алмухамед, открива ексклузивно српски Блиц.

Блиц објави и слика од пасошот на еден од осумте терористи што загинаа по крвавиот масакр во Париз, во кој беа убиени повеќе од 129 невини луѓе.

Претходно француската полиција рече дека нашла сириски пасош „близу телото на еден од напаѓачите“ за време на истрагата, а потоа грчкиот заменик-министер за внатрешни работи, Никос Тоскас, за Ројтерс потврди дека носителот на пасошот веројатно во октомври влегол во Европа преку Грција.

Француската полиција денеска побарала од сите земји низ кои минуваат бегалци да проверат дали наведениот пасош е регистриран кај нив, а Блиц открива дека сирискиот пасош е на име Ахмед Алмухамед и дека тој бил регистриран во Србија.

Како што јавија грчките власти, Алмухамед влегол на територијата на Грција на 3 октомври. Блиц дознава дека на територијата на Србија тој влегол на 7 октомври во Миратовце, од Македонија, ја поминал проверката, па точно се знае дека на краткото патување низ Србија не бил вооружен, вели весникот.

Бил регистриран во центарот во Прешево, каде што формално побарал азил. Тој го продолжил своето патување и, дознава Блиц, брзо ја напуштил Србија, па отишол во Хрватска и понатаму до Австрија.

Грчката полиција претходно рече дека сопственикот на пасошот бил млад човек, кој стигнал на островот Лерос заедно со група од уште 69 бегалци, и дека таму му биле земени отпечатоци од прстите. Грчката полиција одби да го каже неговото име. Медиумите соопштија дека тој е роден во 1980 година и дека претходно не ѝ бил познат на француската полиција.

www.mkd.mk