Еверест се снижил по силниот земјотрес во Непал

0
211

Еден од најсилните земјотреси кои ја погодиле хималајската држава Непал во последните 80 години, од 25-ти април, предизвикал намалување на највисокиот врв во светот Монт Еверест, пишува порталот The Huffington Post, повикувајќи се на непрофитниот конзорциум за геофизички истражувања UNAVCO.

Научниците од UNAVCO тврдат дека по природната катаклизма височината на највисоката планина на светот се намалила за еден инч, односно 2,5 сантиметар. Своите индикации научниците ги темелат на податоците добиени од сателитот „Sentinel-1A“ на Европската вселенска агенција (ESA), кои ги регистрирал на 29-ти април.

„По поместувањето на тектонските плочи на Индија и Евроазија, предизвикано од земјотресот, се појавил расед на земјината кора. Тоа предизвика незначително намалување на височината на Монт Еверст“, се вели во извештајот кој се повикува на научниците од UNAVCO.

Професорот Роџер Билхам од Заедничкиот институт за истражувања во областа на животната средина оцени дека намалувањето на височината на врвот на Еверест, според него, може да изнесува милиметар или два. Од друга страна, пак, планинскиот масив Анапурна, исто така, на Хималаи, според научникот „пораснал“ за околу 20 сантиметри. „Тоа е како да собирате ластик, тој ќе се набере. Кога ќе го отпуштите, тој ќе се врати во првобитниот облик“, прави споредба Билхам со текот на процесите во планинскиот масив по земјотрес.

Катастрофалниот земјотрес со магнитуда од 7,9 степени по Рихтер го погоди Непал во утринските часови 25-ти април. Епицентарот беше регистриран на 82 километри северозападно од главниот град Катманду, со жариште на длабочина од 15 километри. Според последните информации, бројот на жртвите надмина седум илјади.

Без коментари

LEAVE A REPLY