Европски ден на жртвите на криминалот од омраза

0
284

Со прогласувањето на 22 јули за Европски ден на жртвите на криминалот од омраза, целта е овој датум да се воспостави како ден за признавање на проблемот со криминалот од омраза во Европа, да им се даде поддршка на жртвите, да се потврди заложбата за мониторирање, за спроведување на законот и за подигнување на јавната свест со цел да се осудат и да се спречат таквите кривични дела.

Криминалот мотивиран од нетолеранција, односно предрасуди кон одредена група во општеството се опишува како криминал од омраза. Криминал од омраза претставува секое кривично дело каде што сторителот е мотивиран од некоја карактеристика на жртвата, како што е: раса, етничка припадност, религија, политичка припадност, сексуална ориентација или друго својство. Секој може да биде жртва на криминалот од омраза, иако припадниците на ранливите заедници се најчестите жртви.

„Криминалот од омраза се заснова на предрасуди. Тој може да се појави насекаде; ниту едно општество не е имуно на влијанието на предрасудите  и нетолеранцијата. Поединечните појави на криминал од омраза во себе го носат зачетокот на потенцијални конфликти, затоа што можат да ескалираат и во однос на бројот на погодени лица и во однос на интензитетот на насилството. Кругот на насилство може да се прекине доколку ова се прифати и доколку се преземат одлучни мерки“, се посочува во публикацијата „Разбирање на криминалот од омраза“, во издание на ОБСЕ.