Европскиот парламент изгласа интернет за богати и интернет за сиромашни

0
270

Европскиот парламент го усвои текстот за мрежна неутралност, или неутралност на интернетот без прифаќање на амандманот кој би ги затворил сериозните пропусти на кои веќе со години предупредуваат активистите, аналитичарите и експертите. Расправата се одржа вчера претпладне, а во неа учествуваа само 50 од вкупно 751 европски пратеник. Текстот подоцна беше усвоен со 500 гласови за и 163 против. Пратеникот на „зелените“ Јан Филип Албрехт конечниот резултат го нарече „валкан договор“.

Арс текника, портал кој посветува особено внимание на слободата на интернетот и тежнеењата за негова регулација, пишува дека аргументите за поддршка на текстот биле разочарувачки и површни. Повеќето пратеници внимението го посветиле на популарната мерка на укинување на надоместот за роаминг кој Советот на Европската Унија и Европската комисија го понудија „како морков“ со кој пратениците ќе ги наведат да го прифатат остатокот од пакетот. Во расправата дури бил понуден неточен аргумент дека усвојувањето на амандманот ќе го поништи укинувањето на роамингот.

Принципот на неутралност на интернет значи преносот на сите видови податоци да се третира еднакво и дека богатите луѓе не би требало да добијат можност да плаќаат „брзи линии“ и широка пропустност, додека истовремено посиромашните корисници се присилуваат на користење на „спорите линии“.

Една од главните предности на актуелниот, неутрален интернет, е дека големите компании како Гугл играат на истиот терен и со истите услови како малите стартап компании формирани од поединци. Всушност, Гугл во своите први денови генерираше толкаво количество сообраќај што постојано ги уриваше серверите на Стенфорд, па компанијата немаше ни да опстане да не можеше да пронајде „неутрален“ сервис.

Нормално, идејата за неутралност на интернет не им одговара на компаниите кои ја градат инфраструктурата или даваат други услуги за преносот на податоци, бидејќи тоа ги спречува на гогантите како Гугл и Мајкрософт да им наплаќаат поголеми суми отколку на малите корисници.

Иако вчера усвоениот текст навидум го поддржува принципот за неутралност на интернетот, големо мнозинство аналитичари и коментатори тврдат дека тој содржи сериозни пропусти. На пример, во текстот има провизија која овозможува „специјализирани услуги“. Потребата за ова е објаснета со пристигнувањето на автономните возила и другите технологии како автоматското јавување при автомобилски несреќи без повик од возачот, но таквите исклучоци се општи и недоволно дефинирани, што отвара простор за злоупотреба.

Портпаролот на групата за дигитални права ЕДРИ во пресрет на денешното гласање за Бизнис инсајдер изјави дека усвоените мерки ќе станат законска обврска и ќе стапат на сила веќе во ноември. Од организацијата тврдат дека ќе се обидат да работат со европските регулатори за информациски сообраќај (БЕРЕЦ) за да обезбедат дека ќе се „разреши недореченоста на текстот“.

„Ова е пропуштена прилика“, оцени во реакцијата на гласањето холандската пратеничка Мариете Шааке. „Премногу внимание им е посветено на интересите на националните телекомуникациски компании, а премалку на корисниците на интернетот и иднината на економијата. Тоа доведе до нејасен текст за неутралноста на интернетот кој ја загрозува неговата отвореност“.

Меѓу клучните противници на усвоените мерки е сер Тим Бернерс-Ли, еден од луѓето заслужни за создавањето на интернетот (World Wide Web). Тој за усвоениот текст кажа дека „им се заканува на иновацијата, слободата на говорот, приватноста и дека го компромитира потенцијалот на Европа да стане лидер во дигиталната економија“.

Сепак, ворбата сѐ уште не е готова, тврди за Арс текника Ане Јелема, извршната директорка на ВВВ фондацијата која во 2009 ја основаше Бернерс-Ли.

„Всушност, Европскиот парламент жешкиот компир го фрли во насока на телото на европски и национални регулатори и националното судство. Тие ќе мора да решат како да ги имплементираат овие спектакуларно нејасни и недокажани правила. Товарот сега е префрлен врз тие групи да го послушаат гласот на стотиците илјади загрижени граѓани и да спречат интернет со две брзини“, вели Јелема.

www.mkd.mk