Европските власти го кренаа гласот против загадувањето

0
308

Загадувањето на воздухот што го оштетува здравјето на 85% од жителите во европските градови, секоја година предизвикува речиси 500.000 случаи на предвремена смрт на континентот, соопшти Европската агенција за животна средина со седиште во Копенхаген, пренесува „Франс прес“.

Во нејзин годишен извештај се вели дека ситуацијата се подобрува, но сеуште премногу бавно. Ограничувањето на овие гасови овозможи да се подобри квалитетот на воздухот, но ефектот е недоволен за да се избегне неприфатливите штети за човековото здравје и животната средина, се вели во соопштението на агенцијата.

Атмосферското загадување останува првата причина поврзана со животната средина за прерана смрт. Случаите на предвремена смрт во 41 европски земји биле 467.000 во 2013 година. Во ЕУ нивниот број бил 430.000.

Собраните податоци покажуваат дека во 2014 година 85 отсто од градското население било изложено на нивоа фини честички (микроскопски прав генериран од горење на фосилни горива), кои се проценети како штетни од Светската здравствена организација.

16 отсто од Европејците во градовите се изложени на нивоа фини честички поголеми од целите на ЕУ, поврзани со честички под 10 микрони (ПМ 10), кои може да навлезат во дишните патишта, и со честички под 2,5 микрони (ПМ 2,5) кои се уште поопасни, бидејќи навлегуваат во белите дробови преку циркулаторниот систем.

Иако глобалното ниво на емисиите од атмосферски загадувачи е намалено, некои сектори не ги постигнуваат целите, кои им овозможуваат на градовите да ги почитуваат нормите за квалитет на воздухот, а други дури загадуваат повеќе.