Евзони делумно деблокиран, грчките земјоделци се повлекуваат

0
324

Граничниот премин „Богородица-Евзони” на македонско грчката граница по 18 дневна целосна блокада од страна на грчките земјоделци, утрово е делумно деблокиран, изјавија за МИА од дежурната полициска служба на граничниот премин Богородица.

Од таму известија дека на грчка страна тракторите се уште стојат на местото каде што беа поставени, но таму нема луѓе и едната лента од меѓународниот автопат е слободна за сообраќај на интервентен превоз од страна на автомобили и камиони.

Официјално сеуште течат преговорите на грчка страна со земјоделците, но во текот на денот се очекува земјоделците целосно да ја отстранат блокадата на автопатот Скопје-­Солун и да преземат други мерки за изразување на нивниот револт откако не им успеаја преговорите со грчката Влада.

„Одлучивме во петок на пладне да започнеме да се повлекуваме од клучката кај Идомени, блиску до преминот Евзони на границата меѓу Грција и БЈРМ и да се вратиме на нашите ниви“, изјави Томас Карипидис, претставник на земјоделците кои го блокираа Евзони за грчката информативна агенција АПЕ.

По средбата со вицепремиерот Драгасакис  фармерите не добија решение на повеќето барања, но Владата се обврза да достави до парламентот на гласање некои олеснувања во даночната и осигурителна програма.

Преминот Евзони беше блокиран од земјоделците од 30 јануари. Целосната блокада создаде огромни проблеми и за туристите и за товарниот превоз, за македонската индустрија и за солунското пристаниште кое беше преполнето со контејнери со производи за македонските компании.

Македонското МНР вчера по речиси три недели блокада испрати протестна нота до Грција за блокадата.