Фестивалот Охридско лето мост на културните релации на Македонија со светот

0
283

Фестивалот Охридско лето е препознатлив белег на македонскиот културен идентитет Oваа година над 50 настани (музички, драмски, балетски претстави, и активности во делот на дополнителната програма) се дел од познатите фестивалски сцени низ Охрид. На 57-то издание на „Охридско лето“ учествуваат уметници од повеќе земји од Европа и светот, како Русија, САД, Канада, Австрија, Кина, Индонезија, Израел, Италија, Франција, Германија, Полска, Хрватска, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија, Ерменија, Турција и Грција.

– Фестивалот му го претставува на светот богатството на македонската култура, традиција-истакна в.д.директорката на фестивалот Сузана Вренцовска.

Светските мегапроекти се атрактивна понуда за поширокиот спектар на љубители на музиката и во тие рамки е вечерашниот настап  на мултимедијалниот проект ’Вивалдиано‘.

Во драмската програма на „Охридско лето 2017“ се опфатени 4 претстави од домашната сцена и тоа еден театар со репризно издание, 3 премиери и 4 претстави од меѓународната сцена. Акцентот на програмата се трите премиери на македонските театри.

Сцената на Долни Сарај комплетно е реновирана, токму на оваа сцена Битолскиот театар премиерно ќе ја изведе Сон на летната ноќ, а соработката со фестивалот Охридско лето е од големо значење.

Фестивалот „Охридско лето“ низ своето безмалку шест децениско постоење прерасна во своевиден бренд на Република Македонија, манифестација која силно ја промовира и афирмира нашата држава во меѓународен контекст и ги гради нашите релации со светот. Обединувајќи ги на едно место најзвучните имиња на денешницата, фестивалот на македонската публика но, и на многубројните посетители од странство им претстави врвни уметници и ансамбли чии што креации ќе останат запаметени во македонската културна историја.

 

Без коментари