ФИФА се распаѓа, со потерница се бара првиот човек на Конмебол

0
219

Скандалот на векот кој до темел ја потресе Светската фудбалска федерација (ФИФА) продолжи во вторникот откако е распишана потерница по првиот човек на јужномариканската федерација Конмебол, Николас Леоцо, а ФИФА го исфрли од фудбалот генералниот секретар на Конкакаф федерацијата, Енрике Санц.

Леоцо и Санц беа главните ликови во фудбалот во Јужна и Северна Америка, а сега се најновите жртви на скандалот кој веќе десет дена го тресе фудбалскиот свет.

Според информациите на американските медиуми, паралелно со швајцрската полиција, која минатата недела во Цирих уапси 14 лица, меѓу кои и шестмина високи функционери на ФИФА, била спроведена и рација во Мајами, во седиштето на Конкакаф, конфедерацијата која владее со фудбалот во Северна и Средна Америка и на Карибите.

Во Цирих, минатата недела беше уапсен претседателот на Конкакаф, Џефри Веб, а по акцијата на полицијата во Мајами ФИФА од фудбалот го суспендираше генералниот секретар на Конкакаф, Енрике Санц, кој од 2012 година бил ’десна рака’ на уапсениот Веб, кој од четвртокот е пуштен да се брани од слобода.

ФИФА објави дека против Санц е суспендиран „по истрагата на нејзиниот Комитет за етика и најновите факти кои ги претстави обвинителството во Њујорк“.

Од друга страна, судот во Парагвај каде што во главниот град Асуснсион се наоѓа седиштето на Конмебол, издал наредба за апсење на Николас Леоцо кој 27 години се наоѓа на чело на оваа конфедерација.

Парагвајскиот суд постапил по барање на обвинителството на САД, а Леоцо до екстрадирањето ќе биде во домашен притвор.

Инаку, поради скандалот генералниот секретар на ФИФА Џерон Валке не отпатува во Канада на отворањето на СП за жени, додека и покрај скандалите реизбраниот претседател Сеп Блатер планира да биде присутен на финалниот меч./крај/мф/нц

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax