ФИФА: Швајцарците објавија детали за истрагите за СП во Русија и Катар

0
116

Швајцарскиот државен обвинител откри во средата дека во истрагата за неправилностите за доделувањето на организациите на светските фудбалски првенство во 2018-та и 2022 година, во Русија и во Катар, запленети се околу девет терабајти податоци поврзани со 104 банкарски трансакции.

„Нашата истрага е многу комплексна и темелна. Ќе ви наведам како пример дека нашето државно обвинителство досега собрало околу девет терабајти податоци“, изјави швајцарскиот државен обвинител Мишел Лубер во средата на прес-конференција во Берн, и додаде дека тие податоци се во врска со 104 банкарски трансакции.

„Меѓутоа, треба да имате на ум дека секоја од тие трансакции поврзуваат по неколку различни банкарски сметки“, истакна Лубер кој првпат јавно прозборе за истрагата започната во мај, откако швајцарското државна обвинителство заплени документи од компјутерот на меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА), во рамките на истрагата за тоа како Русија и Катар ги добиле организациите на светските првенства.

Лубер откри и дека во истрагата досега биле испитани десетина лица, но и додаде дека списокот со испрашувани веројатно ќе биде проширен. Засега не знае кога истрагата ќе биде завршена.

Истовремено во Женева се огласи и Истражниот одбор на ФИФА за етика чиј прв човек Корнел Борбели изјави дека се спроведуваат неколку постапки кон фудбалски функционери поради сомневање дека го нарушиле Етичкиот кодекс на ФИФА. Тие, како што рече, се однесуваат на добивањето на организациите за мундијалите во 2018 и 2022 година.

„Доколку се појават нови докази, Истражниот одбор ќе ја прошири листата на осомничени. Подготвени сме за оваа можност и доколку е потребно можеме да го зголемиме бројот на членовите на одборот во секое време“, рече Борбели.

Тој не ги објави имињата на новите осомничени.