Фијаско на екстремната десница

0
403

Француската екстремна десница не успеа да победи во ниеден регион во вториот круг од мошне неизвесните локални избори, откако во првиот круг пред една недела постигна историски успех, покажаа излезните анкети.

Гласачите им се вратија на традиционалните партии за да го спречат доаѓањето на власт на Национален фронт (ФН) на Марин Ле Пен. Според првичните процени, овие резултати се пораз за трите водечки личности на ФН, претседателката Марин Ле Пен, која загуби на северот (Норд-Па-де-Кале и Пикардија), нејзината внука Марион Мерешал-Ле Пен, кој е поразена на југот (Прованс-Алпи-Азурен Брег), и Флоријан Филипо, партискиот стратег на истокот (Алзас, Шампан-Ардени, Лорен), пренесе Франс прес.

Десниот центар победи во најмалку пет региони, додека левиот центар победи во три од 13 региони.

Францускиот премиер Мануел Валс изјави дека поразот на Национален фронт „не значи дека опасноста е отстранета“. „Денес немаме причина за триумфализам. Опасноста од екстремната десница не исчезна, напротив“, рече Валс.

Според политичкиот научник Жан Ив Ками, резултатот од вториот круг, кој е последен пред претседателските избори во 2017 година, „потврдува дека Националниот фронт е во ќорсокак“. „Тоа е одлична партија за во првиот круг, но понатаму од тоа не може“, рече тој.

Ле Пен изјави дека лошиот резултат не ја обесхрабрил, па им порача на симпатизерите дека „подемот на екстремната десница е незапирлив“, објави агенцијата.