Филмот „Златна петорка“ утре го затвора „Браќа Манаки“

0
434
Долгометражниот игран филм „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски, ќе ја има својата прва домашна проекција утревечер, на свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“, со почеток во 20 часот во Центарот за култура во Битола.
Сценариото за овој македонски филм е работено по прозни и драмски мотиви на Братислав Ташковски, а на последната верзија работеше косценаристката Билјана Гарванлиева. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и на Горан Керкез.
Во дејството од филмот главен мотив е парадоксалниот настан од 1951 година кога се ликвидирани петмина млади надежни студенти од Струмица. Филмската екранизација претставува, всушност, фикција за една насилно прекината и за една почната љубов, меѓу кои со години натежнуваат копнежот и предавството. Речиси половина век подоцна, во 2016 година, преживеаниот емигрант Алавантие се враќа во родната земја отпретувајќи некои нови траги од досието, кое тајните служби го воделе со кодните имиња на студентите.
Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.

Без коментари

LEAVE A REPLY