Фолклорна бајка 46 години-фестивал Илинденски денови

0
712

Овие денови во Битола се слави традицијата, се одржува фестивалот Илинденски денови.

Традиционално со Комитското во изведба на КУД. Илинден и оваа година беше отворен 46 тиот републичкиот фестивал на кој годинава особено интерес привлекоа фолклорните групи од Шпанија и Мексико, кои својот фолклор го презентираа на првата фестивалска вечер.

На присутните им се обрати и директорот на Центарот за култура Борче Димитровски кој и самиот беше дел од македонската фолклорна сцена како член на КУД. Илинден.

Идејата на фестивалот е да има отворен концепт на различни сцени низ целиот град, па покрај фестивалската сцена на ракометното игралиште, да се разигра старата битолска чаршија, Широк Сокак, па тука е и традиционалното дефиле.

На фестивалската сцена во Битола годинава настапуваат околу 1000 фолкористи од 30 македонски културно уметнички друштва и фолклорни групи, а гостуваат и пет ансамбли од Мексико, Северен Кипар, Шпанија, Бугарија и Турција.

Во рамките на фестивалот се одржуваат повеќе придружни манифестации како што се „Ехо од дамарите“, „Напладне в чаршија“, „Ревија на народни носии“ и други.

Републичкиот фестивал на народни песни и игри Илинденски денови, веќе 46 години ги спојува минатото и сегашноста, отвара патеки кон иднината, ги сплотува генерациите , ги слави културните различности, ги спојува народите ширум светот.
Создаден во чест на големиот Илинден, во чест на народниот творец и народното творештво, фестивалот вдахновен од Свети Илија и оваа година е празник на традицијата.

На високо реномираната фестивалска сцена на која што со децениии се презентира, афирмира, анализира и проучува културното наследство, низ рафинирани сценски презентации се презентирани народни ора, песни, обичаи, обреди, како и инструменти и носии од групи од ансамбли од сите краеви на Македонија.

А вечер ќе се разигра сцената во Хераклеа, каде ќе настапат интернационалните групи, но и ќе се одржи концертот Ноќ спроти Илинден, специјална вечер на која во изминатите години настапувале Љубојна, Танец, Драган Даутовски и многу други.

Со спектакуларна вечер на интернационална музика и игра и концертот на македонски народни песни, Ноќ спроти Илинден, вечер во Хераклеа ќе биде заокружено овогодинешното издание на фестивалот.