Франсоа Фијон: „Господинот Никој“ може да стане претседател на Франција

0
237

Поранешниот француски претседател Николас Саркози го сметаше својот премиер чиновник, а неговите ривали го нарекуваа „Господинот Никој“, но никој, ниту противниците, анкетарите или политичките коментатори до пред само десет дена не помислуваа дека Франсоа Фијон има некакви шанси да ја освои републиканската номинација за француски претседател на изборите во април 2017 година, но откако тоа се случи во неделата, сега му ги даваат најголемите изгледи за конечен триумфи и влегување во Елисејската палата.

Откако во вториот круг надмоќно ја освои номинацијата на француската десница, 62-годишниот католик и татко на пет деца, најави дека ќе ги обедини приврзаниците за да спроведат длабоки реформи кои ѝ се потребни на Франција.

„Сега мора да ја убедам целата земја дека нашиот проект е единствениот кој може да нé покрене. Мојот пристап е јасен: Франција не може да го трпи својот пад. Таа сака вистина и сака акција“, изјави видно возбудениот Франсоа Фијон во победничкиот говор по освоените предизбори.

Фијон надмоќно го победи својот противкандидат, исто така поранешниот премиер Ален Жипе, освојувајќи две третини од гласовите на избирачите на францускиот десен центар и конзервативците. Жипе го призна поразот и најави дека ќе го поддржи Фијон во претседателската трка следната година во којашто најверојатно ќе се соочи со претседателката на крајната десница Марин Лепен.

Фијон е поддржан и до поранешниот претседател Николас Саркози. „Дојде моментот нашето политичко семејство да се мобилизира околу Франсоа Фијон за да се гарантираат промените во Франција кои ѝ се потребни повеќе од кога и да е“, порача Саркози.

Истражувањата на јавното мнение на Фијон му даваат голема предност пред Лепен, но аналитичарите сепак се внимателни имајќи предвид дека анкетите неодамна беа во расчекор со резултатите од избирачките места и на самите предизбори, но и во случајот на британското излегување од ЕУ и на американските претседателски избори.

Бидејќи француската левица е во распад и се разединува, кандидатот кој ќе ги претставува конзервативците има голем шанси за победа и на претседателските избори коишто ќе се одржат за помалку од шест месеци. Бидејќи единствена сериозна противкандидатка ќе му биде претседателката на партијата од крајната десница Национален фронт (FN), Марин Лепен, но вообичаено социјалистите во такви случаи ги предаваат своите гласови на конзервативците. Така се случи на последните регионални избори, кога по првиот круг во повеќето од половината локални совети и за градоначалници водеа кандидатите на Лепен. Победникот на изборите меѓу конзервативците ќе има оттаму голема шанса, бидејќи владејачките социјалисти имаат историска непопуларност што предизвика раздор на левицата.

Франсоа Фијон, веројатниот иден француски претседател, веројатно е и најблизок до прототипот на исконскиот економски и социјален конзервативец меѓу француската политичка елита. Овој младолик 62-годишник со отмено држење, повеќе од половината од својот живот го мина во политиката и е голем почитувач на британската премиерка Маргарет Тачер, што во Франција не му се зема како голем плус.

Во кампањата се истакнуваше со најавите дека ќе ја скрати јавната потрошувачка,меѓу другото и со радикалното намалување на бројот вработени во јавните служби, Зборуваше за укинување на половина милион работни места во следните пет години, што неговите противкандидати го отфрлија како опасна и мерка којашто не може да се спроведе. Фијон одговори дека е тоа е можно ако вработените во јавните служби работат 39 часа наместо сегашните 35 часа неделно. Ја критикуваше, исто така, жестоко и актуелната француска политика кон Русија како неавтентична и која не соодветствува на националните интереси.

„Ми ја пришија етикетата на економски либерал како да сум заразен од чума во Средниот век. А јас сум само прагматичен“, рече.

Аналитичарите сметаат дека го победи Жипе затоа што овој во кампањата отишол премногу влево, а Саркози премногу вдесно.

Фијон, кој сака да вози тркачки автомобили на славната патека Ле Ман, беше премиер во претседателскиот мандат на Саркози. Роден е во регионот Сарт, околу 200 километри западно од Париз, каде римокатоличките корени на населението се уште силни, а од своите противкандидати се разликуваше и по тоа што се противи на можноста хомосексуалните двојки да може да посвојуваат деца. Гласаше, без успех, и против легализацијата на истополовите бракови во 2013 година, и се противи на медицински помогнатото оплодување на немажените жени и на лезбејките.

Во брак е со Велшанката Пенелопе и имаат пет деца. Кога пред 35 години првпат беше избран во француското Национално собрание беше најмладиот пратеник

http://makfax.com.mk/