Франција полуфиналист, Исланд собра симпатии на ова ЕУРО

0
614

Франција стави крај на исландската бајка на Европското првенство, откако во последниот четвртфинален дуел славше победа од 5-2 (4-0). Исланд кој со настапите на ЕП ги освои симпатиите на љубителите на фудбалот, немаше сила да приреди уште едно изненадување. Исланѓаните, во првото полувреме беа импресионирани од важноста на мечот, одиграа во грч, што Франција го искористи да постигне четири гола. Серијата на погодици ја отвори Жиру во 12.минута. Матуиди со долга допка успеа да ја префрли целата исландска одбрана, Жиру влета во шенасетникот и го совлада исландскиот голман. Осум минути подоцна по корнерот на Гризман, највисок во скокот беше Погба, кој зголеми на 2-0. По убедливата предност Французите се определија за контрола на топката без поголема желба да го нападнат противникот.

Паје во 43.минута доби топка од Гризман и од работа на шеснаесетникот со лева го погоди подалечниот агол. Две минути подоцна Погба со долга топка го бараше Жиру, но напаѓачот на Арсенал го забележа движењето на Гризман, ја пропушти топката, а напаѓачот на Атлетико излезе сам пред и со лоб удар го совлада Халдарсон. Гризман го постигна четвртиот гол на ЕП и е прв на листата на стрелците, по гол помалку имаат неговите соиграчи Паје и Жиру, а три гола има постигнато и Бејл. Вo второто полувреме, кога беше јасно кој ќе игра во полуфиналето, Исланд одигра мнигу подобро, а во 56.минута Сигторсон намали на 4-1.

Сепак Жиру, три минути подоцна со својот втор гол ја врати предноста од четири гола. Конечниот резултат на седум минути до крајот го постави Бјарнасон. Последните десет минути од овој натпревар ги одигра Ејдур Гудјонсон, легендата на Исланд и поранешен фудбалер на Челзи и Барселона. 37-годишниот фудбалер го одигра 88-от меч за Исланд со што ја заврши репрезентативната кариера. Франција во полуфиналето ќе игра против Германија на 7.јули во Марсеј, додека ден претходно во Лион, во првото полуфинале ќе се сретнат Португалија и Велс.