Францускиот премиер стравува од нови терористички напади во земјата

0
322

Француските власти прават се што можат за да спречат терористички напади, но ќе има уште, изјави францускиот премиер Мануел Валс.

Изјавата следи по вчерашниот терористички напад во предградието на Париз кога пред својот дом беше убиен полицаец и неговата сопруга од страна на радикален исламист роден во Франција.

Валс соопшти дека француските разузнавачки и полициски служби досега спречиле 15 терористички напади од 2013 до денес и дека преземаат континуирани напори за следење на потенцијалните терористи.

– Мора да ја стегнеме мрежата и да им ги дадеме на полицијата и на разузнавањето сите средства што им се потребни, но и покрај се ќе има уште напади, изјави Валс во интервју за радостаницата Франс Интер, додавајќи дека е неминовно дека „ќе страдаат уште невини луѓе“.

Во земјата на сила е вонредна состојба по терористичките напади во ноември лани, а поради одржувањето на Европското првенство во фудбал зајакнати се мерките на безбедност.