Галичка свадба

0
196
„Среќна сум што го дочекав мојот Петровден и со мојот сакан Филип Белчев нашата љубов ја овековечиме во црквата ‘Св. Петар и Павле’ во Галичник”, изјави видно возбудена и задоволна невестата Билјана Гегоска, која ја продолжува традицијата на неколкувековната галичка лоза на познатото сточарско семејство Гегоски. Таа беше облечена во живописна галичка носија, лицето прекриено со бел пемпезар, качена на бел коњ како вистинска принцеза, пленеше со раскошот и убавината. Така, јавајќи по змиулестата патека, низ која минуваше долгата свадбарска колона предводена од бајрактарот, на присутните гости им се поклонуваше. На пладне сватовите и невестата пристигнаа на платото пред опеаната чешма Упија, каде што беа поздравени со громогласен аплауз од илјадниците посетители. По венчавањето, невестата го одигра невестинското оро, беше однесена да наполни вода, а потоа на најблиските им посипуваше да ги измијат рацете и ги даруваше со подароци.
B2200C460FB025429660287583100EAB
„За мене и за моето семејство беше особена чест и огромно задоволство што сум галички зет на годинешното 42. издание на атрактивната културна и туристичка манифестација ‘Галичка свадба'”, изјави Филип Белчев.
Денеска, свадбарските обичаи започнаа со канење на мртвите, беше поканет и кумот, а потоа стариот побратим го избричи зетот. Свадбарската поворка, предводена од свекорот, се упати по невестата. Во исто време и коњицата предводена од бајрактарот и мушќулџијата се упати кон куќата на невестата за да проверат дали се’ е подготвено да ги примат сватовите.
9C2F241EC1B59D4FA41AA96F11A5C1BE
Два дена, денеска и вчера, галичани облечени во прекрасна галичка носија со колоритни бои, навезена со срма со филигранска прецизност, автентично им ги претставија на посетителите над триесетината свадбарски обичаи и ритуали, надополнети со свадбарски песни и ора. Свадбата заврши со испраќањето на виртуозите на зурлата и тапанот, дебарската група „Трио Мајовци”, кои создадоа весела свадбарска атмосфера која може само да се доживее во Галичник.