Германија го реактивира Даблинскиот протокол, ги затвора вратите за бегалците

0
236

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ја повика Европската Унија да ги обезбеди надворешните граници, за да се намали протекот на бегалци во Европа и да се спречи земјите како Словенија да подигаат огради на своите граници.

Во исто време, германскиот министер за внатрешни работи, преку својот портпарол, изјави дека Германија планира да ги враќа сириските бегалци во онаа членка на ЕУ во која тие прво влегле на патот кон Европа, укинувајќи ја суспензијата на имиграционите правила.

Портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи изјави дека Германија повторно го воведува Даблинскиот протокол, според кој бегалците мора да се регистрираат во првата земја-членка на ЕУ во која ќе пристигнат и може да бидат вратени во неа од други земји ако не го сторат тоа.

Ова важи за граѓаните на сите земји-членки на ЕУ освен за Грција „и за сириските државјани, од 21 октомври“, рече тој.

Соочена со приливот од десетици илјади сириски бегалци ова лето, германската канцеларка Ангела Меркел го суспендираше Даблинскиот протокол и им дозволи на бегалците да се регистрираат во Германија, иако во ЕУ влегле од други места, најчесто од Грција.

Меркел поради тоа беше критикувана и од сопствената Демохристијанска партија и од јавноста, која смета дека таа така охрабрила многумина да дојдат во Германија.

 Германија оваа година ќе прими 800.000 бегалци, четири пати повеќе од 2014. Некои проценуваат дека ќе ги има над еден милион.

За сместување, храна и образование на бегалците до крајот на годинава земјата ќе потроши повеќе од 21 милијарда евра.

www.mkd.mk