Германија предложи план за борба против даночните оази

0
279

Германскиот министер а финансии Волфганг Шојлбе ги претстави во неделата поединостите од планот за борба против таканаречените даночни оази, вклучително и создавање меѓународна мрежа на регистри со имињата на вистинските сопственици на компаниите.

Јавноста преку неочекуваниот увид во дел од документите на панамската адвокатска канцеларија „Mossack Fonseca“ дозна на кој начин офшор компаниите се користат за трупање на богатството на светските моќници. Германија уште во периодот на нејзиното претседавање со групата седум индустриски најразвиени земји во светот Г7 во периодот 2014/2015 година го прогласи за приоритет потесното меѓународно содејство на сузбивањето на даночната евазија.

Во неделата вечерта германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле за јавниот телевизиски сервис ARD рече дека меѓународното вмрежување на регистрите со имињата на вистинските сопственици на компаниите би го овозможило идентификувањето на сите лица кои се кријат зад офшор компаниите.

На ниво на Европската унија вмрежувањето на регистрите веќе е договорено во рамките на четвртата директива против перењето пари, коа земјите членки мора да ја спроведат во практиката до средината на следната 2017 година.

Шојбле потсети, исто така, на договорот за автоматска размена на информациите на кој во меѓувреме му пристапија стотина земји. Додаде дека скандалот Panama Papers го засилува притисокот на другите, вклучително и врз САД, да се придружат на договорот.

Агенцијата Reuters на увид го добила документот на германската влада со вкупно десет точки од планот на Шојбле, меѓу кои е и повикот до Панама и другите земји кои тоа уште не го сториле, да му пристапат на споменатиот договор за размена на даночните податоци.

Во документот е наведено дека Глобалниот форум на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) би требало да функционира како супервизор кој ќе се грижи а тоа земјите да ги разменуваат податоците и да изнаоѓаат поефикасни санкции за „некооперативните и заборавни“ меѓу нив.