Германскиот министер за транспорт: Фолксваген мамел и во Европа

0
257

Фолксваген ги манипулирал податоците за издувните гасови од своите возила и во Европа, а не само во САД, изјави германскиот министер за транспорт Александар Добринт.

„Бевме информирани дека и кај дизел-моторите (на Фолксваген) во Европа, од 1,6 и 2,0 литри, исто така имало манипулации“, изјави Добринт за новинарите и додаде дека нема информации за колку возила во Европа станува збор, јави Би-би-си.

Тој најави дека ќе бидат спроведувани ненадејни тестови и на автомобилите од други производители.

„Јасно е дека Федералната канцеларија за сообраќај на моторни возила нема да се фокусира само на автомобилите на Фолксваген, кој е прозван, туку ќе спроведува ненадејни тестови и на возилата на другите автомобилски производители“, рече тој.

Германскиот неделник Ауто Билд јави дека некои дизел-автомобили на производителот на луксузни автомобили БМВ произведуваат 11 пати поголемо количество опасни гасови од пропишаното во ЕУ.

„Фолксваген не е единствениот производител чии автомобили произведуваат високи нивоа азотни оксиди“, пренесе весникот, обвинувајќи за истиот проблем и одредени возила на БМВ.

Билд се осврнува на резултатите од тестовите спроведени од Меѓународниот совет за чист сообраќај, во кои беше откриено дека возилата од марката „икс 3“ на БМВ се опремени со дизел-мотори 20Д, кои произведуваат 11 пати повеќе емисии на штетни гасови од пропишаните граници во ЕУ .

БМВ денес соопшти дека не манипулирал со податоците за емисиите на штетни гасови од своите возила, а истата порака денес до јавноста ја упати и германски Дајмлер.

www.mkd.mk