Гевгеличани денеска на референдум – за или против рудник за злато на Кожуф

0
397

Жителите на Гевгелија денеска на референдум треба да одговорат на прашањето дали сте за или против отворање нa рудници на металични суровини во општината.

Активистите на граѓанската иницијатива „Спас за нас“, иницијаторот на референдумот, веќе подолго време предупредува дека експлоатацијата на земјиштето на планината Кожуф ќе се врши со експлозив и голема механизација, а потоа за да се одвои златото ќе биде употребувана постапката лужење, а тоа значи и употреба на цијанид. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во општина Гевгелија беа едногласни во однос на тоа дека за вакво прашање мора да одлучат граѓаните. Дел од нив веќе побараа Кожуф да се прогласи за природно заштитено подрачје.

Државната секретарка во Министерството за животна средина Соња Лепиткова пред два дена изјави дека граѓаните на општина Гевгелија се изманипулирани од луѓе кои даваат нестручни паушални изјави за влијанието врз животната средина на рудник кој не се знае дали ќе се отвора бидејќи моментално на теренот сѐ уште се вршат испитувања кои треба да утврдат дали има руда која содржи злато.

Во Гевгелија се појавија и летоци од канадската компанија Невсан, која бара концесија за екслоатација на рудникот Конскона Кожуф, во кои информираат дека принципите на нивното работење се безбедноста, здравјето и заштитата на животната средина.

www.mkd.mk