Глобалното затоплување може да предизвика смрт на 500.000 лица до 2050 година

0
369

Глобалното затоплување може да предизвика смрт на дополнително над 500 илјади лица до 2050 година, покажува истражувањето на експерти од Оксфордскиот универзитет, објавено во научното списание „Лансет“.

Првпат група научници истражуваа какво ќе биде влијанието на климатските промени врз исхраната на луѓето и како тоа ќе ја зголеми смртноста.

Доколку не бидат преземени мерки за да се намали емисијата на гасови, кои го предизвикуваат ефектот стаклена градина, климатските промени можат да ја намалат до 2050 година за 3,2 отсто количината на достапна храна, за четири отсто потрошувачката на зеленчук и овошје и за 0,7 отсто конзумацијата на црвено месо во споредба со 2010 година.

Тие промени во системот на исхрана можат да бидат причина за смртта на 529 илјади лица до 2050 година.

Најпогодените од овој феномен ќе бидат земјите со ниски и средни приходи, претежно во западниот Тихоокеански регион и во југоисточниот дел на Азија.

– Доколку не бидат преземени мерки, до 2050 година поради промената на климата, во тие региони ќе починат дополнително, 264 илјади, односно 164 илјади лица, се вели во истражувањето.