“Глоуб за мене е непроценливо искуство”-Пројчевски за Лондон

0
368

Силни се впечатоците на актерот од битолскиот народен театар, Никола Пројчевски, кој неодамна се врати од Лондон, каде што беше вклучен во интернационален актерски проект во Шекспировиот театар „Глоуб“. Тој вели дека едномесечниот престој таму, стекнатите актерски искуства и контакти се непроценливи.

-Доста се информирани за македонскиот театар, ете по гостувањето на Огнен пред две години, а сега и со моето, ја знаат нашата земја, запознаени се со нашата традиција. Знаат дека во Битола има „Шекспир фестивал“-истакна Пројчевски.
Тој беше единствениот од Југоисточна Европа во тимот актери од 21 земја, кои од 21 септември до 15 октомври работеа на компилација од Шекспирови дела во Лондон.
– Три и пол недели интензивно работевме со еминентни режисери од „Глоуб“ и со еден куп други соработници. Бевме солидна актерска екипа од Македонија, Австралија, Америка, Нов Зеланд, Пакистан, Сингапур, Филипини, Германија, Франција.
-Работевме на различни компилации на текстови од Шекспир, најмногу се задржавме на „Ромео и Јулија“, „Дванаесетта ноќ“ и „Сон на летната ноќ“. Kомпилацијата што ја подготвивме траеше еден час и четириесет минути. Ја изведовме два пати, еднаш за луѓето главно врзани за театарот, а на официјалната премиера за поголема публика.
Речиси се било на англиски јазик, но имале и делови на своите јазици, со кои придонесле претставата да има интернационален карактер.