Годинашен добитник на специјалната Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност е Милчо Манчевски

0
276

Фестивалот Браќа Манаки денеска во Битола ја објави целосната програма на годинешното 38. издание кое ќе се одржи од 23 до 30 септември.

Десет различни филмски програми, награди за животно дело, годинава, за двајца великани на светската кинематографија, Џузепе Ротуно и Пиер Лом, 13 врвни кинематограферски остварувања во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300, кои, Благоја Куновски – Доре ги селектираше главно од водечките светски филмски фестивали во Кан, Берлин и Венеција. Тој, како директор на фестивалот рече дека и ова издание ќе биде реализирано, на најдобар можен начин и со позитивна енергија и покрај сите препреки што годинава ги имаше фестивалот.

„Ви најавувам дека ќе може да очекувате уште едно добро издание. И 38-от „Браќа Манаки“ ќе биде успешен, пред се’ заради филмовите, имаме силна и квалитетна селекција што е костурот и главниот столб на нашиот фестивал. Програмата е солидна и разновидна, во главната конкуренција ќе понудиме дела на кинематографери од различни генерации. Тоа, впрочем, е една од нашите мисии – да откриваме нови таленти и нови кинематограферски ѕвезди на светскиот филм“ рече Балгоја Куновски – Доре, директор на фестивалот.

Годинава, како гости на фестивалот, во Битола ќе пристигне рекорден број од десет кинематографери на филмовите во главната селекција.

„Од аспект на кинематограферите, ја продолжуваме врската, континуитетот на застапеност на оние кои веќе учествувале на предходни наши изданија и се закитиле со награда, со што придонесуваме за поголема светска афирмација и на фестивалот и на самите кинематографери. Покажуваме дека квалитетот е наш приоритет, без оглед дали се работи за докажани мајстори или на новите таленти. А и покрај тешките моменти што ги имавме при подготовката на ова издание, правевме се’ што е во наша можност со сознанието дека Битола е филмски град и ние тоа ќе го негуваме“ додаде Куновски, на денешната прес конференција.

На гала отварањето на фестивалот, на 23 септември, фестивалската публика ќе ја види македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“, на режисерот Милчо Манчевски, а веднаш потоа ќе биде прикажана премиерата на бугарско-македонската копродукција „Насоки“, во режија на Стефан Командарев.

Фестивалот ќе го затвори филмот од Велика Британија, „Нека влезе сонцето“, на искусниот тандем режисерката Клер Дени и кинематограферката Ањес Годар.

Како дел од програмата ќе биде прикажан и македонскиот филм „Кога денот немаше име“ на сесрите Теона и Лабина Митевски, каде кинематографка е познатата Ањез Годар, лауретка на фестивалот Браќа Манаки.

Годинашен добитник на специјалната Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност е македонскиот и светски режисер и сценарист Милчо Манчевски. Тој на фестивалот Браќа Манаки ќе одржи мастер класа, а наградата свечено ќе му биде врачена на затворањето на фестивалот на 30 септември.

Зоран Димовски, в.д. директор на Центарот за култура во Битола од свое име ги поздрави директорите на фестивалот и рече дека како и во изминатите децении Центарот ќе ги стави своите капацитети на располагање на фестивалот.

„Фестивалот „Браќа Манаки“ е дел од културата и од историјата на Битола и ние затоа ќе се потрудиме да помогнеме да се одржи уште едно успешно издание на овој фестивал. А и 3Д киното ќе биде уште една можност публиката да ужива во филмовите“, рече Димовски.

Во Документарната програма публиката на фестивалот ќе види седум филмови од најновата светска продукција.

„Сите седум документарни наслови го содржат режисерскиот концепт на ангажираност кој антиципира присутност на актуелниот момент во постоењето на акцијата и немирот на протагонистите“, рече Гена Теодосиевска, селектор и уметнички директор на Фествалот.

Земји во фокусот, годинава се Данска и Австрија и нивните кинематографии ќе бидат претставени на фестивалот со избор од најновата филмска продукција.

Програмата „Мак Поинт“ секоја година има своја верна публика од авторите од Македонија, но од година на година се’ повеќе гости на Фестивалот и од странство се заинтересирани да ја проследат, за да добијат слика што се продуцира во филмската уметност кај нас.

Продолжува програмата Перспективи на европскиот филм, која на фестивалот му носи поглед во она што е ново и интересно во европската кинематографија, селектор на оваа програма е Владимир Ангелов

И годинава ја одржуваме традицијата на Студентската програма која ќе ни овозможи поглед во делата на идните филмаџии од регионот. Во Битола пристигнуваат студенти од 14 филмски академии во регионот. Мастер класа ќе им одржи Микеле ди Анџело.

И децата ќе уживаат на „Браќа Манаки“, за нив е подготвена Детската програма, придруженa со изненадувања кои ќе бидат поттик за развој на нивната креативност.

Селектор на програмата Краток филм е Јованка Попова. Годинашното фестивалско мото ја слави светлината, филмската уметност и градот Битола и гласи – „Movie On – Touch the light, Feel Bitola“ (Допри ја светлината, почувствувај ја Битола), а за визуелниот идентитет на фестивалот е заслужна агенцијата „Ефектива“.
Тимот на Ефектива беше задолжен за осмислувње на логото , слоганот на фестивалот и комплетен визуелен идентитет Соединувајќи ги модерните дигитални технологии и јазикот на традиционалната уметност, тимот креираше уникатна визуелна приказна.