Голема антикорупциска акција на српската полиција

0
337

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ потврдил дека во голема антикорупциска акција во петокот вечерта биле уапсени 79 лица, меѓу кои и неколку поранешни функционери, пренесуваат српските медиуми.

На вонредна пресконференција Стефановиќ изјавил дека меѓу 79-те уапсени се и поранешниот министер Слободан Милосављевиќ и поранешната директорка на Агенцијата за борба против корупцицијата Зорана Марквиќ, како и бизнисменот Жељко Жуниќ, сопственик на „Беохемија“. Помеѓу уапсените се и двајца помошници министри, директори на јавни претпријатија, бизнисмени и поранешни и сегашни претседатели на општини. Стефановиќ најавил дека ќе има кривични пријави и за уште 39 лица.

Сите се уапсени поради сомневање дека од 2004-та извршиле повеќе кривични дела со кои ја оштетиле државата за повеќе од 100 милиони евра. Стефановиќ прецизирал дека апсењата се направени поради корупција во 20 различни случаи.

Според него, меѓу извршените кривични дела од 2004-та година се перење на пари, злоупотреба на службена позиција, примање и давање мито, злоупотреби со јавни набавки, коруптивни дела во областа на земјоделството и издавање на градежни земјишта во локалните самоуправи.

„Тоа се буквално милионски цифри во евра и тука имавме највеќе оштетени буџети. Секое од коруптивните дела е штетно, иако штетите не се еднакви во смисла на паричниот износ, но во смисла на општествената опасно еднакво се проблематични“, рекол Стефановиќ.

Српскиот министер навел дека акциите биле спроведени со цел да се спречи финансискиот криминал и корупцијата, како и злоупотребата на државните органи, и додал дека против уапсените биле поднесени и повеќе кривични пријави поради основани сомненија дека од 2004-та до денес извршиле повеќе кривични дела./крај/мф/бс