Готов е првиот авион од кинеско производство

0
438

Готов е првиот голем патнички авион од кинеско производство, соопштија светските агенции. Азискиот гигант се стреми да развие свој воздухопловен сектор, кој ќе ги предизвика странските гиганти на битка за престиж и удел на пазарот.
C919 – џет, кој може да прими 168 патници е дело на државната компанија „Комершл еркрафт корп (Комак)“.
За Кина овој авион претставува долгогодишен напор, во обид да се намали зависноста од европскиот конзорциум „Ербас“ и американскиот „Боинг“, па дури и да се натпреварува со нив.
Машината, која може да прелета до 5.555 километри, нема да го направи својот прв лет оваа година. Тоа, најверојатно, ќе биде одложено за 2017 година, според „Чајна дејли“.
Иако C919 се прави во Кина, странски фирми играат клучни улоги преку обезбедување на системи, како и на моторите, кои се направени од „ЏФМ интернешнл“, заедничко претпријатие меѓу „ГЕ“ на САД и француското „Шафран“.
Трошоците за C919 не се обелоденети во јавноста.

Минатиот месец Експорт-импорт банк оф Чајна изјави дека на „КОмак“ ќе му обезбеди 7,90 милијарди долари за финансирање на неговите проекти за летала.
Компанијата веќе има нарачки за 517 од своите авиони C919 и речиси сите од нив се од домашни купувачи. Меѓу странските клиенти се тајландскиот „Сити ервејс“, кои нарачале 10 авиони.
Од „Комак“ веќе имаат развиено и помал авион, наречен „АРЈ“. Тој има 78-90 седишта и сè уште прави пробни летови.
Кинеската компанија планира и друг модел – C929, во соработка со руската „Јунајтет еркрафт корп“. C919 сепак е насочен кон најпрофитабилниот сегмент, на кој доминираат „боинг 737“ и „ербас A320“.
Кина се очекува да набави 6330 нови авиони во вредност од 950 милијарди долари за трговската флота до 2034 година, според предвидувањата на „Боинг“.
Минатиот месец кинескиот претседател Си Џинпинг, потпиша договор за купување на 300 авиони „боинг“ во вредност од 38 милијарди долари во фабриката на компанијата во Сиетл.
Минатата недела, за време на посетата на германската канцеларка Ангела Меркел, Кина се согласи да купи 100 авиони A320 од „Ербас“, со договор во вредност од 9,7 милијарди долари и ги потврди опциите за купување на уште 30 авиони „A330с“.