Градоначалникот се качи на тенк за да одржи лекција

0
645

Иако датира од 2011 година, деновиве на социјалните мрежи беше актуелно видеото каде градоначалникот на главниот град на Литванија, Вилнус, со оклопно возило прегазува автомобил непрописно паркиран, среде велосипедска патека. „Последните денови скапи автомобили се паркираат непрописно на велосипедски патеки, скоро на истото место – Ролс Ројс и Ферари. Што да направи градот против возачите кои мислат дека се над законот? Се чини дека тенкот е решение,“ вели Артурас Зуокас, градоначалникот на Вилнус во видеото поставено на Јутјуб. Потоа влегува во тенкот и со насмевка го прегазува автомобилот и на крајот вели: „Ова ќе се случи ако го паркирате автомобилот непрописно“. Потоа доаѓа човек кој наводно е сопственикот, а градоначалникот му вели наредниот пат да паркира прописно. Автомобилот се отстранува, градоначалникот го мети скршеното стакло од улицата и си заминува по патеката.

Под видеото можат да се најдат коментари кои се сомневаат дека видеото е инсценирано, а автомобилот е купен за таа намена. Но повеќемина велат, и да е инсценирано, праќа добра порака. А токму тоа е ова видео. Сценарио кое секој велосипедист го посакува. Градоначалникот на Вилнус, Артурас Зуокас, инаку е страстен велосипедист, а видеото е снимено во рамките на шведско телевизиско шоу со цел да ја подигне свеста кај граѓаните да не се паркираат на велосипедските патеки, но и да го поттикне користењето на велосипедот како превозно средство. Зуокас во 2011 година ја доби и наградата за мир на наградите кои се алтирнатива на нобеловата награда, а кои се образложуваат како „сатирични, но човек го тераат да размисли“.