Граѓаните читаат, но не купуваат книги

0
292

Ако некој во Битола сака да купи книга и да ја збогати својата домашна библиотека, ќе треба малку да се помачи. Единствената продавница во градот во која се продаваа само книги, се затвори. Љубителите на книгата сега имаат избор тоа да го направат на друго место. Една таква опција е тезгата на Широк Сокак, а сопственикот вели дека продажбата била намалена. Според него, намалена е куповната моќ на граѓаните, па за нив книгата стана скапа и недостапна.

-Многу тешка година, продажбата на литературата е многу опадната, можам да речам за 70-80 проценти. Тоа се должи на економската криза, луѓето немаат пари, младите слабо читаат, а годинава исто така се почувствува едно зголемување на цените кај македонските издавачи, вели Никола Пинза, аквизитер на книги.nikola

Тој вели дека сериозен проблем е нелојалната конкуренција, односно продавачи на книги кои не ги плаќаат обврските кон државата.
-Јас немам ништо против да има конкуренција, но секој да си плаќа она што треба, што е законски одредено. Не може некој да ги плаќа обврските, а некој да го собира профитот, вели Пинза.

Но неколку децении наназад состојбата во Битола беше поинаква. Повозрасните битолчани со носталгија се сеќават на времето кога во Битола, речиси секоја издавачка куќа имаше своја книжарница, каде што исклучиво се продаваа најновите изданија на белетристика, енциклопедии, бестселери. Со текот на годините, на нивно место се отворија бутици, ресторани, кафулиња.

-Битола имаше многу книжарници, но сега има малку заинтересирани, како книгата да ја изгуби вредноста. Жалосно, вели еден битолчанец.

-Поголем дел од младите сакаат сервирано, да отврат фејсбук и толку. Не сакаат да читаат, никој не е заинтересиран за таа работа, секој гледа за бизнисот, рече друг битолчанец.

Но податокот дека битолската библиотека има 8000 членови, зборува дека кај битолчани е намалена само куповната моќ за книгата, но не и љубовта кон читањето.