Гран при-то на јубилејното издание на Битолино,отиде за Израел

0
363

Третиот а воедно и последниот ден од ИДТФ Битолино започна со претстава во продукција на „Маска” театар од САД. Претставата со наслов „Овоштарникот со праски” е всушност колаж од петнаесетина различни театарски ситуации, петнаесетина различни маски и карактери кои Лери Хант на еден магичен начин ги создава и оживува пред самата публика
Последната претстава за затворањето на ИДТФ Битолино беше претставата „Кралицата Конг” во продукција на денс компанијата „Ла Базока” од Авр, Франција. Оваа компанија е формирана во 2002 година и исклучиво се занимава со танцов театар.
ГРАН ПРИ за „Најдобра претстава во целина” доби театарската компанија „Рути Тамир” од Модин, Израел. „Четири басни и Кралицата” е претстава во која четири приказни се заробени во една бајка, една виртуозна комична креација за осум животни и една кралица.

Рути Тамир дипломирала класичен и модерен балет во Израел, а своето образование го продолжила на универзитетите во Флорида и Охајо на секторите за актерска игра и пантомима, но исто така има работено во многу држави низ светот и е добитник на наградата за најдобра актерка во Израел за 2013 година.
За наградата одлучуваше трочлено жири во состав на Валентина Луц која е режисер и директор на Детскиот државен театар на Портите на Нарва од Санкт Петерсбург – Русија, актерката од Народниот театар од Битола Соња Михајлова како и режисерот од Народнот театар од Битола Јован Ристовски.
Директорот на фестивалот Васко Мавровски истакна дека особено е горд што петтото јубилејно издание помина одлично, со многубројна публика на сите претстави, а воедно и најави дека подготовките за шестото издание на Битолино ќе започнат уште од утре и ќе се потрудат да биде уште подобро издание.