Грчката полиција употреби солзавец против демонстрантите во Атина

0
372

Грчката полиција употреби во петокот солзавец во судирот со земјоделците кои огорчени од реформите во пензискиот систем ја каменуваа зградата на министерството за земјоделие во центарот на Атина, во пресрет на големите протести кои се очекуваат подоцна во текот на денот.

Со реформите на пензискиот фонд за трипати во следните четири години ќе бидат зголемени издвојувањата за здравственото пензиското осигурување. Овој потег е дел од пошироките реформи со кој грчкиот пензиски систем во 2016 година треба да заштеди околу 1,8 милијарди евра и е клучен услов за исплата на третиот пакет финансиска помош во износ од дополнителни 86 милијарди ера во согласност со договорот што владата во Атина го потпиша со меѓународните доверители

Земјоделците од цела Грција се упатија кон престолнината Атина за да ја искажат својата огорченост поради плановите на владата на радикалната левица Сириза, за зголемување на придонесите за пензиите и даноците.

Околу 800 земјоделци од Крит, најголемиот грчки остров, се судрија со полицијата којашто ја обезбедуваше зградата на министерството за земјоделие. Демонстрантите фрлаа камења и ги испокршија прозорците на објектот, пренесуваат медиумите.

„Земјоделците се обидоа да ја потиснат полицијата пред влезот во министерството. Полицијата фрли солзавец за да ги запре“, изјавил за Reuters неименуван полициски функционер.

Во петокот попладне во Атина земјоделците ќе протестираат против пензиските реформи. Во моментов грчките фармери уживаат пофлексибилен режим од другите приватници и од крајот на јануари и блокираат патиштата низ целата земја, а последните десет дена целосно се блокирани транспортите на стоки на границите кон Турција, Бугарија и повремено кон Македонија.

Од вторникот, по блокадата на бугарските возачи на камиони и заканата од Бугарија дека ќе покрене постапка во Европската унија, грчките земјоделци ја укинаа блокадата и ги пропуштаат камионите со стока на неколку часа на ден на грчко-бугарскиот граничен премин Промахон/Кулата.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во средата повика на дијалог, меѓутоа ја исклучи можноста да бидат повлечени предлог реформите на пензискиот систем./крај/мф/сн