Грчкиот парламент ги изгласа реформите на пензискиот и даночниот систем

0
315

Грчкиот парламент со тесно мнозинство ноќта во недела кон понеделник го изгласа владиниот предлог за пензиски реформи, во рамки на мерките што од Грција ги бараат кредиторите, Европската унија(ЕУ) и Меѓународниот монетарен фонд(ММФ).
За законот за пензискиот систем, со кој се предвидува зголемување на придонесите за пензија и воведување на данок, гласаа 153 пратеници на владејачката коалиција предводена од Сириза, од вкупно 296 присутни пратеници.

Пред гласањето пред зградата на парламентот се собраа околу 10.000 луѓе. Помал број од нив фрла кон полицијата со молотови коктели и други предмети, на што полицајците одговорија со солзавец, додека повеќето мирно протестираа против серијата закони за кои сметаат дека драстично ќе ги намалат пензиите и другите социјални давачки.

Реформата на пензискиот систем со смалување на бројот на фондови и висината на пензиите е еден од условите за продолжување на помошта на Грција, а гласањето во парламентот е одржано во пресрет на клучниот состанок на министрите за финансии на еврозоната во понеделник во Брисел.

Последните денови имаше повеќе протести и во Атина и во Солун против овие реформи. Во недела во двата града вкупно протестираа околу 26.000 луѓе. /крај/хн/ст