Грчкиот парламент му изгласа доверба на премиерот Ципрас

0
190

Пратениците во грчкиот парламент му изгласаа доверба на премиерот Алексис Ципрас ноќта во среда кон четврток, по тридневната дебата за програмата на новата влада.

Претставувајќи ја во понеделникот програмата и буџетот за следната година, премиерот Ципрас вети брзо спроведување на реформите кои од Грција ги бараат меѓународните кредитори.

На гласањето поддршка на владата и дадоа 155 пратеници од Сириза, како и коалициониот партнер Независни Грци, додека против беа 144 опозициони пратеници.

„Мораме да го загриземе куршумот“, рече Ципрас во понеделник, признавајќи дека Грците ги очекуваат тешки времиња.

Откако ги исполни барањата на кредиторите, грчкиот премиер изрази надеж дека ќе се спроведе расправа околу реструктуирањето на грчките долгови, за да се докапитализираат потклекнатите банки и да се привлечат странски инвестиции.

Атина во среда се задолжи дополнителни 1,1 милијарди евра за да може до петок да ги исплати обврзниците во вредност од 1,4 милијарди евра, објави Агенцијата за управување со јавниот долг. /крај/хн/ст