Грција ги отфрла обидите на ЕУ да го заживее Даблинскиот договор

0
264

Грчката влада остро се противи на оживувањето на правилото на Европската Унија кое би овозможило принудно враќање на територијата на Грција на емигрантите кои веќе стигнале на териториите на други земји од Унијата.

Темата на миграциите беше главна на денешната средба на јужноевропските лидери во Атина, меѓу кои и италијанскиот премиер Матео Ренци, чија земја покрај Грција претставува „капија на Европската Унија“.

Пред разговорите, портпаролот на грчката влада задолжен за миграции ја отфрли идејата за оживување на таканаречениот Даблински договор кој им овозможува на останатите членки на ЕУ азилантите да ги враќаат назад во Грција.

„Од држава како Грција која прифаќа голем број емигранти од Турција, која прифаќа голем број бегалци практично без каква било надворешна помош, не можете да барате да прими уште поголем број емигранти од другите земји – тоа би било нечуен преседан“, изјави Јорго Кирицис.

Според Даблинскиот договор, емигрантите мора да побараат азил во првата држава членка на ЕУ во која влегле. Во најголемиот број случаи тоа е Грција.

Сега, Германија и претставниците на Европската Унија вршат притисок да заживее овој договор и Грција „да ги достигне стандардите на Даблинскиот договор до крајот на оваа година“. во првиот обид за спроведување на овој договор, Грција не успеа да го постигне стандардизираниот систем за прифаќање на емигрантите.

Бред Блиц, експерт за миграции и професор по меѓународни односи на Универзитетот на Британија, изјави дека враќањето на голем број емигранти назад во Грција го зголемува притисокот врз системот за азил во земјата како и врз нејзините сместувачки капацитети.

„Доколку не постои ефикасен систем за распределба низ ЕУ, ревидираниот Даблински систем ќе ги примора бегалците да се вратат во државите од надворешните граници на ЕУ, пред сѐ во Грција, Италија и помалку во Шпанија“, изјави Блиц.

Тој истакна дека тоа „ќе ги обесхрабри другите членки на ЕУ да прифаќаат поголем број емигранти“.

Кирицис заклучи дека Даблинскиот договор е „практично мртов“ и дека треба драстично да се ревидира, бидејќи според него „7.000 луѓе се спремни за преселување и чекаат, а членките на ЕУ не го прават она што треба“.

Во Грција по затворањето на балканската рута се заглавени околу 60.000 бегалци.

Без коментари

LEAVE A REPLY