Грција ги товари бегалците од Сирија на брод

0
219

Стотици сириски бегалци утрово на грчкиот остров Кос почнаа да се качуваат на патничкиот брод “Elefterios Venizelos”, кој властите го одредиле за нивно сместување, во обид да ги ублажат често хаотичните услови на копно.

Мигранти на Кос

Грчки претставници за повеќе од еден ден го одложила качувањето на бегалците на бродот закотвен на пристаништето во Кос, работејќи за тоа време на планот да ги избегнат нередите меѓу сите очајни бегалци, пристигнати на гумени и мали дрвени чамци од околината на Турција, пренесе Ројтерс.

Качувањето на траектот  “Elefterios Venizelos”, кој на Кос допловил во петокот, почнало утрово пред зори, додека температурите не се толку високи, без никакви проблеми или гужви.

После некои мали несогладувања помеѓу бегалците околу тоа кој ќе се качува прв, тие на брегот формирале ред и почнале да се качуваат во групи од по 20 лица.

На бродот, кој го изнајмила грчката влада, ќе биде обезбеден смештај за околу 2500 Сиријци, кои ќе бидат распоредени во кабини, додека една поголема просторија е резервирана за процедури на документациите.

Бидејќи Сиријците ги напушиле своите домови бегајќи до граѓанската војна, тие се третираат како бегалци, што, според меѓународното право , им дава поголеми права од оние кои од своите земји отишле поради економски проблеми, а исто така стигнале и со чамци од Турција.

Според податоците на Меѓународната организација за миграција, речиси четврт милион мигранти од почетокот на година го поминале Средоземјето и стигнале во Европа.

Околу половина од тој број стигнале на грчки острови, а бројот на пристигнати расте во текот на летото, кога поради мирното море пловидбата е помалку ризична.

Владата во Атина го изнајмила бродот “Elefterios Venizelos”, во сопственост на компанијата која превезува туристи, автомобили и камиони до грчките острови и преку Јадранското море до Италија, како би го намалила притисокот на бегалците на Кос.

Неколку илјади мигранти на Кос се сместиле во хотели, а се работи за оние кои можеле тоа да си го дозволат, но значајно поголем број од нив спијат во шатори, напуштени згради или под ведро небо.

Вчера околу 50 мигранти од Авганистан, Пакистан и Иран накратко се судирија кај главната полициска станица во Кос, фрлајќи камења и разменувајќи удари.

Нивните шанси да се качат на бродот се мали бидејќи тие го немаат статусот бегалци како Сиријците, кои имаат предност кога се работи за сместување на брод.

На Кос редот и мирот во моментот ги одржуваат околу 40 припадници на интервентната полиција. Тие на тој остров се испратени после судирот во вторник, кога локални полицајци морале да употребат палки и апарати за гасење пожар за да спречат тепачка на спортскиот стадион , на кој стотици лица, меѓу кои имало и мали деца, чекале бегалски документи.