Грција не сака да попушти за штедењето, ЕУ размислува за кризен план

0
128

Атина нема да им попушти на барањата на доверителите да ги намали пензиите или да го зголеми даноците, изјави во понеделникот портпаролот на грчката влада, откако во текот на викендот пропаднаа преговорите и Грција опасно се приближува до банкрот и излегување од еврозоната, на што се надоврза премиерот Алексис Ципрас барајќи до доверителите да бидат реалистични, додека европскиот комесар од Германија, Гинтер Итингер предупреди во Берлин дека е време ЕУ да подготвува планови за „вонредна состојба“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави во понеделникот дека Грција ќе почека нејзините доверители да станат пореалистични и ги обвини дека даваат неразумни барања во политички цели.

„Во инсистирањето на новите кастрења на пензиите, се гледа само политичка цел по пет години грабеж во согласност со програмата за спасување. Стрпливо ќе чекаме додека до институциите не допре стварноста“, рече Ципрас за грчкиот весник Ton Syntakton во првата реакција по прекинот на преговорите за грчката должничка криза во неделата навечер.

„Нема да усвоиме мерки коишто ќе ги намалат пензиите, ќе го зголемат данокот на додадена вредност (ДДВ) или мерки коишто ќе го влошат маѓепсаниот круг на штедењето“, изјави портпаролот Габреиле Сакеларидис на прес-конференцијата во Атина.

Истакна дека сепак Грција сака да постигне договор со доверителите, како и дека не размислува за алтернативните сценарија, како што се предвремените парламентарни избори или референдум. „Грчката влада има само еден план, а тоа е да биде постигнат договор“, порача владиниот портпарол.

Наспроти тоа, европскиот еврокомесар од Германија, Гинтер Итингер, предупреди во понеделникот во Берлин дека е време Европската унија да подготвува планови за, како што рече, вонредна состојба во Грција, доколку до 1-ви јули не биде постигнат договорот.

„Би требало да подготвиме криен план, бидејќи Грција ќе се најде во вонредна состојба. Треба да бидат обезбедени резерви од енергија, плати за полицијата, медицинска опрема и фармацевтски производи и многу други работи. Сметам дека Европската комисија би требала да подготви план кон би можел да спречи влошување на ситуацијата доколку Грција ја напушти еврозоната, ако банкротира“, рече Итингер пред почетокот на седницата на Демохристијанската унија (CDU), на канцеларката Ангела Меркел./крај/мф/сн

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax