Грција во сабота во Брисел ги предава противпредлозите

0
194

Грчката влада е подготвена во саботата да ги поднесе противпредлозите со коишто ќе се премостат разликите во ставовите со нејзините кредитори и ќе ги започне преговорите во Брисел.

Грчкото соопштение беше објавен во петокот доцна вечерта, откако Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го повлече својот експертски тим од преговорите во Брисел, бидејќи со грчките преговарачи не е постигнат договорот познат како „пари во замена за реформи“.

„Грција е подготвена да ги претстави противпредлозите за да се надминат разликите со доверителите. Повеќе од кога и да сме блиску до договор, ние само 0,25 отсто се разликуваме во поглед на примарниот вишок“, изјавил за Reuters грчки владин функционер кој сакал да остане анонимен.

За двостраното разбирање потребна е „политичка волја“, рекол и додал дека е „незамисливо“ дека Европа може да се разиде „околу толку мала разлика“. Притоа Reuters забележува дека грчкиот премиер Алексис Ципрас во петокот разговараше со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, за новите чекори во разговорите.

Грчкото соопштение беше објавено во моментите кога беше објавено дека претставниците на владите на земјите членки на еврозоната ноќта во четвртокот во Братислава првпат официјално зборувале за можното сценарио Грција да не може да ги враќа долговите, во рамките на средбата на состанокот на министрите за финансии следната седмица.

Досега функционерите од еврозоната се воздржуваа од дебатите за ваквото сценарио, дури и на средбите зад затворени врати, но агенцијата забележува дека поедини земји, во прв ред Германија, самостојно се подготвуваат за таквото сценарио, кое може да доведе до банкротирање на Грција и нејзино излегување од еврозоната.

Агенцијата AFP потсетува дека Грција мора на 30-ти јуни да ги плати доспеаните рати во износ од 1,6 милијарди евра од кредитот кон ММФ, меѓутоа изразува сомневање дека ќе може да ги намири доколку доверителите не ѝ ја исплатат последната транша од актуелната програма за меѓународна финансиска помош од 7,2 милијарди евра. Меѓутоа, кредиторите ММФ и ЕУ ја условуваат исплатата на таа транша која е стопирана од ланскиот август, со спроведување на реформите. Најболните точки од преговорите се реформата на пензискиот систем и на пазарот на трудот, примарниот буџетски вишок и зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ) на 23 отсто за електричната енергија./крај/мф/сн

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax