Груевски да покаже посветеност, Заев да не пука „бомби“

0
446

Договорот од Пржино итно да се спроведе, во спротивно тоа сериозно ќе влијае на проценките на ЕК за Македонија – ова е заедничката порака што попладнево ја упатија амбасадорите на САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Мисијата на ЕУ во земјава.

Со заедничка изјава тие попладнево пред зградата на Владата велат дека се разочарани од тоа што се пробиени роковите за формирање на т.н техничка влада.

Од Груевски побараа посветеност на реформите, бидејќи велат, Владата односно нејзиниот врв се тие што се најодговорни во време на политичка криза.

„Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да ја покаже потребната посветеност и да го спроведе договорот на конструктивен и итен начин и со добра намера. Веруваме дека спроведувањето на договорот од Пржино е најдобриот пат за излез од политичката криза. Го повикавме премиерот Груевски да си го овласти тимот да го финализира договорот по нерешените прашања од договорот од Пржино и брзо да ги спроведе сите неопходни реформи за да обезбеди рамноправен терен за избори и нивно и национално и меѓународно признавање како веродостојни, како и сносење одговорност за евентуални нерегуларности“, изјави Чарлс Гарет, амбасадор на Велика Британија во  Македонија.

Амбасадорската петорка со порака и до опозицијата и нејзиниот лидер – да бидат конструктивни во процесот и да го заборават објавувањето на т.н. бомби.

„Го повикуваме СДСМ, од нивна страна, да продолжи да ги исполнува своите обврски што произлегуваат од политичкиот договор, вклучувајќи ја и обврската веќе да не објавуваат прислушувани материјали“, рече Гарет.

Амбасадорите на највлијателните земји не ја заборавија ниту специјалната обвинителка Катица Јанева и околностите со кои таа се соочува. Бараат на Јанева да и се овозможат сите неопходни средства за да ги испита индикациите од нелегално прислушуваните материјали, бидејќи за нејзината функција сите политички партии биле согласни.

„Договорот од Пржино бара од партиите на прво место да го стават интересот на државата и да ја потврдат својата посветеност кон евроатланскиот интеграциски процес и демократските принципи. Сите страни треба да дејствуваат со добра намера, да ја обноват посветеноста на договорот, да дејствуваат според договорените мерки со апсолутна итност каква што бара ситуацијата. Неуспехот тоа да се стори ќе има влијание на оценката на Европската Комисија“, вели Гарет.

Дипломатскиот кор не дозволи прашања од новинарите. Пред Владата дојдоа само да ја прочитаат изјавата и си заминаа.