Груевски денеска во посета на Битола

0
7773

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски  денеска посети дел од инфраструктурните проекти што ги реализира локалната самоуправа – некои самостојно, а дел почнати со поддршка на Владата раководена од неговата партија.

„ Сите проекти одлично се реализираат. Го посетив основното училиште „Елпида Караманди“ каде по 37 години се врши сериозно реновирање на училишната спортска сала, потоа ја посетив и видов реновираната спортска сала „Младост“ која, исто така, беше дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ. За време на посетата на Битола ја погледнав поранешната касарна во која општината вложила околу 3,5 милиони евра за изградба на нова населба. Се гради инфраструктурата за да може да градат инвеститорите, се градат куќи, игралишта и други објекти во еден од најголемите проекти за Битола, посочи Груевски.

„ Проектот „Кино Манаки“ градежно е завршен и сега следува фаза за ентериерот. Овој проект, кој не надминува повеќе од 700.000 евра, ќе биде дополнување на културниот живот на Битола и ќе даде можност за време на фестивалот „Браќа Манаки“ да се има современ простор за филмски проекции“ истакна Груевски при посетата на киното во градба „Манаки“.

На прес-конференцијата во Битола претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека од  Талески бил информиран за успешниот развој на индустриската зона „Жабени“, за динамиката на изградба на фудбалскиот стадион „Под Тумбе Кафе“, како и за други пороекти што ги реализира локалната самоуправа.