Груевски и Хан разговараа за политичката криза и евроатланските интеграции

0
416

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на денешната средба во Брисел разговарале за политичката криза во државата и за нејзино враќање на патот кон евроатланските интеграции, вели Маја Коцијанчич за агенцијата „Мета“.

„Лидерите веќе изгубија премногу време. Повеќе од итно е да се вратат на преговарачката маса и да го имплементираат договорот од Пржино. Да се создадат услови за веродостојни избори, да се развие владеењето на правото и сите страни да дадат поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство, како и да се имплементираат итните реформски приоритети“, рече Коцијанчич.

Во изјава за МИА, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека заедничка констатација со Хан, но и констатација од разговорите со другите соговорници (европратениците Дејвид Мекалистер, Иво Вајгл, Пол Рубиг и Анџелика Ниблер), е дека на Македонија и е потребно елиминирање на надворешните и на внатрешните ризици.
“Средбите одат добро. И вчера и денеска се среќаваме со многу наши пријатели, партиски поддржувачи и разни други лица што, на еден или друг начин, имаат одговорност во нивното работење за Македонија и за регионот каде што е Македонија. За констатација е дека на сите им одговара, како нам во Македонија така и ним овде во Европската Унија и кај земјите членки, да имаме елиминирање на сите надворешни и внатрешни ризици. Надворешни, во смисла на бегалската криза и проблемите кои од неа може да дојдат, а внатрешни во смисла на вештачките кризи кои ни се наметнуваат. Констатација е дека треба да се продолжи заеднички да се работи во тој правец, но оти е потребно и сите други страни внатре во земјата кај нас да се потрудат да помогнат во тој правец, а не само ВМРО-ДПМНЕ” , изјави Груевски по средбите.
Известувачот за Македонија од Европскиот парламент Иво Вајгл, вчера, по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, за МИА изјави дека во Македонија мора да се продолжи со демократските процеси и да се исполни главната цел, а тоа е одржување парламентарни избори.